-
Создадено: Вторник, 10 Октомври 2017
Студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беа во посета на ICE FESTIVAL 2017 – Innovative culinary experience, кој за првпат се одржува во Република Македонија и е единствен фестивал во државата од таков карактер.
Идејата за овој настан е на шеф Марк де Јонг, кој го организираше настанот со поддршка и помош на својот тим од асоцијацијата на готвачи MMCC – Macedonian Multiethnic Culinary Chefs.
Целта на настанот е голем број шефови од целиот свет да се запознаат со културата и традицијата на Македонија, а воедно граѓаните, посебно младите гастрономи, да се запознаат со културата и традицијата на различни држави од светот преку храната.
Фестивалот се одржуваше од 2 до 7 октомври 2017 год. и на истиот се претставија шест кујни, односно шест мастер обуки со врвни шефови од Мароко, Чиле, Германија, Кина, Турција и од Перу.
Нашите студенти присуствуваа на мастер обуките на 6 октомври одржани од шеф Ралф Б. Менегини од Германија, којшто претстави три јадења: предјадење – лосос на четири начини, главно јадење – гулаш од елен со паста (пападеле) и десерт – крем бруле и ванила парфе. На 7 октомври имаше мастер обука од страна на шеф Лаонг од Кина, кој исто така ги претстави културата и традицијата на својата држава преку предјадење – салата со никулец, морска трева и сушени лигни, главно јадење – супа со панга и десерт - пржен сладолед.