-
Создадено: Среда, 18 Декември 2019
Студенти и професори од ФТБЛ активно учествуваа на Четвртата туристичка берза која беше организирана од страна на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ), а се одржа во хотелот „Хилтон“ во Скопје.
Туристичката берза на која учествуваа над 100 претставници од туристичкиот сектор во Македонија, како хотели, туристички агенции, ресторани, туристички водичи, винарии, пивници и превозници, беше поддржана од страна на Министерството за економија – Сектор за туризам и угостителство, како и од Швајцарската програма за поддршка на извозот СИППО. Покрај учесниците од земјава, на берзата учествуваа и туроператори од Италија, Бугарија и Словенија.
Туристичката берза беше организирана во два дена, првиот ден беше организирана конференција со различни теми поврзани со одржливиот туризам, каде што гости предавачи беа експерти од земјава и од странство, како Швајцарија и Англија, а вториот ден имаше организирани средби и вмрежување на учесниците од земјава. На берзата пред присутните свое обраќање имаше министерот за економија г. Крешник Бектеши, швајцарската амбасадорка г-ѓа Сибил Сутер Тејада и претседателот на НАИТМ, г. Влатко Сулев. Главната цел на туристичката берза е зголемување на свеста за важноста на дојдовниот туризам за Македонија како туристичка дестинација и подобрување на соработката помеѓу чинителите во дојдовниот туризам од Македонија и од странство во иднина.
Студентите од ФТБЛ преку оваа берза можеа да видат како е организиран дојдовниот туризам во Македонија и да се запознаат со клучните чинители на туристичкото стопанство од земјава.