-
Создадено: Понеделник, 22 Април 2019
Студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика учествуваа на дванаесеттиот по ред Национален кулинарски куп на Бугарија, кој се одржа на 19 и 20 април на Меѓународниот саем во Пловдив (Бугарија).
Овој натпревар беше во организација на Бугарската асоцијација на професионални готвачи, која е членка на Светската асоцијација на готвачи, а поддржан од страна на Министерството за образование и наука на Република Бугарија, како и од бројни спонзори, а како главен покровител се јавува веригата супермаркети „Метро“. Пред одржувањето на овој Кулинарски куп претходеа низа локални и регионални натпревари за да се одберат најдобрите учесници. На натпреварот учествуваа повеќе од 100 учесници во различни категории, како кулинарски тим, индивидуално готвење, пица-мајстор, послужување на вино и слаткарство. На натпреварот, покрај професионалните готвачи, учествуваа и средни туристичко-угостителски училишта, факултети за туризам и угостителство и кулинарски академии од Бугарија, како и студенти од ФТБЛ при УГД. Во саем ката хала, покрај натпреварот, се одржаа бројни мастер-класови и презентации на намирници, зачини, техники на готвење, како и промоција на угостителска опрема.
На овој Кулинарски куп членови на жирито за оцена во натпреварувачкиот дел беа врвни кулинарски шефови од Бугарија и главните готвачи од висококатегоризираните ресторани и хотели низ Република Бугарија, претставници од Асоцијацијата на сомелиери на Бугарија и др.
Студентите од ФТБЛ си ги одмерија силите во конкуренција на десет кулинарски тимови од Софија, Варна, Смолен, Велико Трново, Тројан, Ловеч, Димитровград, Самоков и Русе во натпреварот за најдобар кулинарски тим, подготвувајќи предјадење, главно јадење и десерт. Методи Даскаловски, Марија Џингарска и Рената Трајчевска добија благодарници и сертификати за учество на овој натпревар, како и покана за учество на Кулинарскиот куп следната година. Студентите на овој натпревар беа менторирани од страна на професорите Дејан Методијески и Оливер Филипоски. Покрај натпреварувачкиот дел, кој беше организиран на највисоко ниво, Кулинарскиот куп имаше и богата социјална програма во која студентите можеа да разменат мислења и да остварат контакти со своите колеги и професионалци од областа на угостителството во Бугарија.