-
Создадено: Понеделник, 22 Април 2019
Студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика на 18 април реализираа теренска настава и посета на градот Солун во Грција.
Студентите при оваа посета имаа можност да остварат средба со заменик-градоначалникот одговорен за туризам на градот Солун, господинот Спирос Пенгас и со господинот Георгиос Басмаделис од Департманот за туризам во Солун. Состанокот се одржа во Градското собрание на Солун, а на оваа средба домаќините направија презентација на тема „Туристичка политика на Солун како туристичка дестинација“. Во презентацијата пред студентите беа дадени практични примери како се изработува стратегија за туристички развој и промоција на градот Солун како урбана дестинација, како од метро станиците се создаваат отворени музеи и други активности.
Покрај оваа презентација, студентите имаа можност да проследат и предавање од професорот Фотис Килипирис од „Alexander Technological Educational Institute“ во Солун, кој имаше излагање на тема „Туристичката политика на Грција“. Студентите разменија мислења со своите домаќини и поставија прашања кои се однесуваат на туристичкиот развој, земајќи предвид дека Грција е високоразвиена туристичка земја. По презентациите, студентите имаа можност да се запознаат со туристичките ресурси на Солун, реализирајќи разглед на градот.
Теренската настава за студентите од Штип и од Гевгелија беше организирана од страна на професорот Дејан Методијески, како дел од наставата поврзана со предметот Туристичка политика кој се изучува во втора година на насоката Туризам.