-
Создадено: Понеделник, 10 Декември 2018
Студенти и професори на ФТБЛ на 5 и 6 декември учествуваа на Третата туристичка берза организирана од страна на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ), а се одржа во хотелот „Буши“ во Скопје.
Туристичката берза на која учествуваа над 100 претставници од туристичкиот сектор во Македонија, како хотели, туристички агенции, ресторани, туристички водичи, винарии, пивници и превозници, беше поддржана од страна на Министерството за економија – Сектор за туризам и угостителство, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, ГИЗ Германско друштво за техничка поддршка, како и Швајцарската агенција за развој и соработка и СВИС Контакт.
Туристичката берза беше организирана во два дена. Првиот ден имаше организирани средби и вмрежување на учесниците од земјава, а вториот ден беше организирана конференција со различни теми поврзани со развојот на туризмот, каде што гости предавачи беа експерти од земјава и од странство, како Франција и Словенија. Главната цел на туристичката берза е зголемување на свеста за важноста на дојдовниот туризам за Македонија како туристичка дестинација и подобрување на соработката помеѓу факторите во дојдовниот туризам од Македонија и од странство во иднина.
Студентите од ФТБЛ преку оваа берза можеа да видат како е организиран дојдовниот туризам во Македонија и да се запознаат со клучните фактори на туристичкото стопанство од земјава. 26 студенти кои учествуваа во организацијата на Третата туристичка берза добија благодарници од страна на претседателот на НАИТМ, господинот Влатко Сулев.