-
Создадено: Вторник, 05 Септември 2017
Факултетот за туризам и бизнис логистика по деветти пат во Гевгелија ја одржа традиционалната Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот. Изложбата се одржа во Хотел „Аполонија“, каде што учествуваа студентите на ФТБЛ, а ја проследија и голем број граѓани на Гевгелија.
- Ова е деветта по ред изложба што ја организираат студентите на ФТБЛ на сите насоки. Досега имавме две поставки, а оваа година направивме мали дополнувања и измени, со што ја збогативме. Првиот дел имаше мал натпревар меѓу студентите и средношколците во мешани тимови. Вториот дел беше барменство и презентација на традиционални коктели од овој регион. Третиот дел беше подготовка на мали колачи со тема „Дентален туризам и казино туризам“. Потоа имавме и изработка на традиционални јадења и последниот дел е поставка на изложбени предмети кои ги носат од своите баби и дедовци - изјави професорката Тања Ангелков- Петкова.
Покрај презентацијата на храната и изложбените предмети, студентите организираа и уметнички дел, преку што студентите од овој факултет учат многу.
- Ова е многу битен елемент за сите студенти. Ние сме дел од настан кој е под покровителство на факултетот, организиран од студентите. Со тоа стекнуваме многу знаења во практичниот дел - изјави студентката Марија Вангелова од ФТБЛ.
Изложбата се одржа во Гевгелија, а за наредната десетта по ред изложба студентите и професорите најавија уште поголем спектакл.