-
Создадено: Вторник, 12 Јуни 2018
Согласно со Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2018 година, Министерството за економија објави Јавен повик за избор на најдобри бизнис идеи за туризам креирани од студенти на факултетите за туризам. Повикот траеше до 30.4.2018 година и за овој Повик беа пријавени шест апликации.
На 11.6.2018 година се одржа презентација и избор на трите најдобри бинис идеи кои влегоа во потесниот избор од страна на Комисијата за евалуација и избор на најдобри бизнис идеи за туризам креирани од студенти на факултетите за туризам.
Деветчлената Комисија во состав: Арилинда Касапи и Сунај Јакупов – Министерство за економија; Чедомир Димовски – Министерство за образование и наука; проф. д-р Ивана Нестороска – Факултет за туризам и угостителство, Универзитет „Св.Климент Охридски“; проф. д-р Митко Бојаџиевски – Природно-математички факултет, Институт за географија при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“; проф. д-р Дејан Методијески – Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Факултет за туризам и бизнис логистика; доц. д-р Аида Узеири – Економски факултет, Универзитет во Тетово; доц. д-р Дејан Наковски – Универзитет за туризам и менаџмент и Виолета Лазаревска – Државна агенција за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија одлучи за најдобрите бизнис-идеи кои добија признанија и парични награди, во вкупна вредност од 120.000 денари:
1. Прва награда – „Коктел бар и веб-страница за ноќен живот во Скопје“, студенти Калина Атанасијеска и Александра Спировска, насока Гастрономија, исхрана и диететика на дисперзираните студии во Скопје, 60.000 денари;
2. Втора награда – „Потенцијали за развој на морбиден туризам во Република Македонија“, студент Рената Петкоска, Природно-математички факултет, Институт за географија при Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, 40.000 денари;
3. Трета награда – „Развој на селски туризам за странски туристи“, студент Ана Видиќевска, Факултет за туризам и угостителство, Универзитет „Св. Климент Охридски“, 20.000 денари.
Раководителот на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија г. Беким Хаџиу во своето обраќање изјави дека Министерството за економија ќе продолжи со поддршка на проекти од ваков тип, кои им овозможуваат мотивација на студентите кои имаат добри идеи за започнување на сопствен бизнис, со цел да се придонесе креативните идеи да се реализираат и да се развиваат во насока на подобрување на туризмот во земјава.