-
Создадено: Среда, 30 Октомври 2024
Факултетот за туризам и бизнис логистика на УГД го одржа Третиот меѓународен студентски симпозиум на ФТБЛ, именуван „Предизвиците во светот на дигиталната ера - мултидисциплинарен пристап“.
Симпозиумот се одржа во просториите на Музејот на македонската борба за самостојност – Скопје. На свеченото отворање на Симпозиумот, деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, го истакна значењето на овој настан за студентите.
„Студентите на Факултетот за туризам и бизнис логистика преку ваквите симпозиуми успешно се поврзуваат, но и ги осознаваат современите барања на економијата и општеството, држејќи чекор со сите важни достигнувања, најпрво преку своето образование. Овогодишниот Меѓународен симпозиум „Предизвиците во новиот свет на дигиталната ера - мултидисциплинарен пристап“ обезбедува две панел-сесии, каде што имаме излагање на говорници, креатори на политиките, како и странски студенти и нашите домашни студенти на теми кои се од интерес за сите нас и се во насока на креирање успешни пораки за подобро општество. Моето лично убедување е дека само просперитетот, растот, развојот и отпорноста на кризи може да се постигнат преку создавање на силни меѓузависности. Токму преку студентите, преку оваа силна и млада енергија и соодветна алокација на ресурсите и квалитетот, ќе успееме да ја зајакнеме нашата заедничка конкурентност, да обезбедиме повисоки стапки на развој на нашата економија со една цел – нашите студенти да ги направиме многу повеќе подготвени за идните, но и сегашните големи предизвици“ – истакна проф. д-р Татјана Бошков.
На студентите им се обрати и Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Од насоките кои ги спомна деканката јас би издвоил само неколку работи што мислам дека битно ќе влијаат на неколкуте наредни години. Вештачката интелигенција која ќе ни помогне многу, но и ќе направи голем дел од професиите што постојат денес, да бидат комплетно небитни за неколку години. Првата жртва на вештачката интелигенција ќе бидат преведувачите, бидејќи со сегашниот развој на софтверите за преводи прашање на време е кога преводите ќе бидат машински, нема да бидат човечки. Втората работа е сајбер безбедноста, од лично искуство, пред две години имаше хакерски упад во Фондот за здравствено осигурување. Значи колку повеќе дигиталната ера ќе станува важна во нашите професии и животи, толку безбедноста на дигиталните податоци ќе станува уште поважна. Сѐ поголем дел од нашите професии и животи ќе бидат во машини. Тогаш ќе треба да ги заштитиме тие машини од злонамерни луѓе. И, мораме да прифатиме едно доживотно учење. Тоа што јас во шестата деценија од животот сум тука пред вас говори дека го прифаќам тој концепт на доживотно учење, заради една причина – мора да станете конкурентни. Без доживотно учење нема да станете конкурентни. Но ова не треба да ве плаши, секоја промена носи ризици, но носи и можности“ – потенцираше Клековски.
Во воведниот дел од Симпозиумот се обратија и д-р Анита Стамнова, директорка на Централен регистар, проф. д-р Наташа Митева, продеканка на Факултетот за туризам и бизнис логистика, УГД, г. Ило Ристовски, претседател на УО и генерален директор на „Халк осигурување“, д-р Небојша Вуковиќ, директор на СУГС „Лазар Танев“ и претседател на ФУТУ на Европа, г. Игор Гвозден, директор на Угостителско-туристичка школа - Белград, Хотел „Палас“ - Белград, Федерацијата на угостителско-туристички училишта, г. Џаит Љуши, директор на човечки ресурси, организација и обука, Халк банка АД Скопје, м-р Анче Илиевска, директорка на НУ Музеј на македонската борба за самостојност, г-ѓа Елена Стаменковска, директорка на Дирекција за дигитални канали и организација, Шпаркасе банка АД Скопје, Славица Ристовска, модераторка и студентка на втор циклус студии – ФТБЛ.
Во работниот дел на Симпозиумот, студентите ги презентираа своите трудови во две сесии.