-
Создадено: Петок, 20 Септември 2024
Факултетот за туризам и бизнис логистика ја организираше Конференцијата „Културните и креативните индустрии предизвик за туризмот, културата, културното наследство и економијата“ на која беше промовиран и Научниот зборник од седмата Меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“.
- Оваа конференција ја потенцира важноста на културните и креативните индустрии, како кај нас така и во светот. Препораки, кои се јасно подвлечени од истражувачите и авторите во конференцискиот зборник и се резултат на детекцијата на состојбите во туризмот, културата, културното наследство, економијата и влијанијата кои ги претрпеа истите. Верувам дека ова се препораки кои адресираат како да се зајакнува капацитетот на компаниите, какви промени се потребни во регулативите кои го диктираат нашиот пат кон Европската Унија. Голема е честа денес заедно со министерот и со сите колеги промотори на овој зборник, уште еднаш, јасно во етерот да испратиме порака дека Македонија го има целосниот потенцијал за раст и развој на културните и креативните индустрии, како и искористување на нивниот економски, социјален и културен потенцијал – изјави проф. д-р Татјана Бошков, деканка на ФТБЛ.
На Конференцијата присуствуваше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој оваа година е во нова улога, за разлика од лани, кога учествуваше како актер:
- Лани на овој ист настан се обратив како Зоран Љутков актерот, којшто му сугерираше на Министерството за култура како треба да се однесува кон креативните индустрии, а сега си ставив беља на глава и ќе морам како министер да ги реализирам сите тие работи кои си ги кажав претходната година. Денес разговараме за една многу важна и актуелна тема, која на едно место ги обединува сите напори и стремежи за развој и унапредување на нашата културна, туристичка, но и економска сфера. Во ерата на дигитализацијата и дигиталната трансформација, каде што современиот свет го карактеризираат брзите промени, културните и креативните индустрии се во постојан развој, носејќи нови можности, но се разбира и нови предизвици. Тие нудат простор за широка презентација на вештината, имагинацијата и талентот на творците од оваа многу важна област, како и нивна соодветна валоризација на пазарот на трудот, со што претставуваат придвижувачка сила на економскиот развој на државата – потенцираше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
На Конференцијата свој настап имаше и Универзитетскиот музички ансамбл „Македонија - УГД“, под водство на проф. д-р Владимир Јаневски.