-
Создадено: Петок, 01 Јуни 2018
На 18 мај 2018 год. се одржа Mеѓународниот гастрономски фестивал ''Cookand Serve 2018'' кој беше организиран од страна на студентите на Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД.
Фестивалот е поддржан од УГД и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Р. Македонија.
На фестивалот, покрај гастрономскиот и ресторанскиот натпревар на неколку тимови, се презентираа и производи од областа на гастрономијата, а се одржаа и мастер класови од познати готвачи, како и познати бармени од РМ.
- Имаме учесници од пет средни угостителско-туристички училишта во Македонија, од Гевгелија, Штип, Крушево, Кратово и од Скопје. Исто така, во тимското натпреварување учествуваат четири тима од ФТБЛ, а гости ни се и учествуваат Кулинарската академија од Софија, Бугарија. Комисијата која оваа година ги оценува натпреварувачите е составена од искусно готвачи, членови на Светската асоцијација на готвачи, доаѓаат од двете македонски асоцијации на готвачи, а во делот на послужување на вино имаме судии од Македонија, дел професори, дел од Центарот за стручно образование при Министерството за образование. Важно е дека целата организација е на студентите, гастро тимот на ФТБЛ ние професорите сме логистичка и морална поддршка. Слатки маки се да се организира една ваква манифестација, има доста работа, но кога се работи нешто со љубов, сите тие препреки можеме да ги решиме. Настанот го помогнаа доста спонзори, пред сѐ Државната агенција за поддршка и промоција на туризмот и голем дел од стопанството. Така и се потврдува соработката на факултетот со стопанството, која е во континуитет од почетокот на постоење на ФТБЛ – изјави доц. д-р Дејан Методијески, продекан за настава на ФТБЛ.
На свеченото отворање на фестивалот се обратија и деканот проф. д-р Никола Димитров и поранешниот декан проф. д-р Нако Ташков, кои истакнаа дека гастрономијата е носител на развојот на туризмот во Р.Македонија, а на учениците од средните гастрономски училишта им порачаа дека нивната иднина е токму на Факултетот за туризам и бизнис логистика пр УГД. Свеченото отворање со свој настап го збогатија и членовите на ансамблот „Китка“ од Истибања.
Тимовите се натпреваруваа во два дела:
Гастрономски дел:
- Јадење од пилешко месо;
- Паста;
- Национално јадење;
- Тимско натпреварување Национално јадење на модерен начин;
- Торти, карвинг и артистика.
Ресторански дел:
- Послужување вино и презентација на мени;
- Трка на келнери.
Се доделија повеќе признанија и медали, а гран-при наградата во категоријата Гастрономија ја освои HRC кулинарска академија - Софија, во категоријата Ресторанско работење средното училиште „Коле Нехтенин“ - Штип и третата гран-при награда заврши во рацете на гастро тимот на ФТБЛ за посветеното време и енергија за реализација на настанот.