-
Создадено: Понеделник, 30 Април 2018
Факултетот за туризам и бизнис логистика продолжува со својата практика да биде домаќин на истакнати стопанственици кои им ги пренесуваат своите искуства на студентите на ФТБЛ.
Во таа насока, на 25.4.2018 година, студентите во прва година од насоките Туризам, Гастрономија, исхрана и диететика и Хотелско-ресторанска насока – Скопје имаа можност да го проследат предавањето на предавачот Мајк Блек, кој доаѓа од Ливерпул, Англија. Господинот Мајк Блек е директор на компанијата „New Destinations Network CIC“ која се занимава со промоција на туристички дестинации, членува во Светската асоцијација на новинари од туризмот и Меѓународната туристичка асоцијација на професионалци. Во 2008 година бил во Туристичкиот борд на градот Ливерпул, кој го добил приматот Европскa престолнина на културата. Европска престолнина на културата е град назначен од страна на Европската Унија, за период од една календарска година, во која се организираат серија културни настани со силна европска димензија. Подготовката за Европска престолнина на културата може да биде голема можност за градовите да стекнат значителни културни, општествени и економски бенефити и може да помогне во урбаната регенерација, менувањето на градскиот углед и подигнување на неговата видливост и профилот на меѓународната сцена. Во моментов Мајк Блек е амбасадор на градот Пловдив во Република Бугарија, кој во 2019 година е прогласен за Европска престолнина на културата. Градот Скопје има пополнето апликација за оваа престижна европска иницијатива за 2025 година.
Мајк Блек пред студентите на ФТБЛ одржа предавање на тема „Културниот туризам и можности за развој на угостителството во градовите“. Притоа студентите се стекнаа со сознанија за културниот туризам и неговото влијание врз зголемувањето на приходите во угостителството, поставија прашања поврзани со темата и дадоа свои видувања и коментари по однос на можностите за развој на културниот туризам во Македонија.
Предавањата беа дел од предметот Хотелиерство кај одговорниот наставник проф. д-р Дејан Методијески.