-
Создадено: Четврток, 06 Јуни 2024
Од 13 до 17 мај, продеканката за настава на ФТБЛ, вон. проф. д-р Наташа Митева, и координаторот за правни работи во Kабинет на ректор и секретар на ФТБЛ, д-р Билјана Цоневска-Гуњовска, ја реализираа својата Еразмус мобилност на Политехничкиот институт во Сантарем, Португалија (IPSantarém).
За време на мобилноста беа дел од XIII меѓународна недела на Еразмус, настан кој ги обединува наставничкиот и административниот кадар од партнерските институции во рамките на програмата Еразмус.
Овогодишната тема „Вредностите на ЕУ, општествените предизвици и мултикултурализмот – улогата на високообразовните институции“ беше составена од серија конференции и работилници кои имаа за цел да поттикнат размислување за улогата на високообразовните институции и програмите за интернационализација, особено на програмата Еразмус, во промовирање на европските вредности на мирот, демократијата и социјалните права.
Програмата на настанот вклучуваше и сесии за презентација на меѓународни проекти развиени од IPSantarém, каде што учесниците имаа можност да разменат идеи и да споделат најдобри практики за поттикнување на воспоставување идни партнерства.
На настанот учествуваа приближно 50 учесници од 31 универзитет и 17 земји (Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Северна Македонија, Полска, Романија, Словенија и Турција).
Покрај професионалниот ангажман и активности, организаторите од IPSantarém дополнително им го разубавија учеството на сите учесници овозможувајќи им запознавање на градот и регионот преку разновидна културна програма.