-
Создадено: Петок, 31 Мај 2024
Факултетот за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев“, во соработка со Економски факултет, Универзитет во Задар, организираше Меѓународен вебинар на тема „The Circularity Challenge: Sustainability and Responsibility towards the European Green Deal“.
Вебинарот го отвори деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, а модератор на трите панел-сесии беше Славица Ристовска, апсолвентка на ФТБЛ.
Session I: „Circular Economy: Potential and Challenges“
Првата панел-сесија „Circular Economy: Potential and Challenges“ ја отвори проф. д-р Душица Попова која во своето излагање ја потенцираше важната улога на ЦЕ како стратегија за одржлив развој, како и предностите за Македонија, почнувајќи од развој и соработка меѓу државата и индустријата, можности за вработување и географска дисперзија, промовирање на ЦЕ во образованието.
Проф. д-р Јурица Босна од Факултетот за eкономија, Универзитет во Задар, смета дека Европскиот зелен договор не е доволно дефиниран и не содржи конкретни чекори, како и дека Европската Унија треба да се насочи кон вложување во обновливи извори на енергија, но сепак поттикнувањето на приватниот сектор во таа мисија е огромен предизвик.
Славица Ристовска ја истакна важноста на логистиката односно напредната логистичка инфраструктура, од една страна во циркуларната економија преку процесите на собирање, складирање, рециклирање и сортирање на производите, а од друга страна и во зелената економија во процесите на производство и дистрибуција, каде што ја спомена примената на автоматизирани возила, интелигентни системи за транспорт, како и зелените магацини и логистички центри.
Session II: „Green Agenda in EU: A Vision for Sustainable Economies“
Втората панел-сесијa „Green Agenda in EU: A Vision for Sustainable Economies“ ја отвори продеканката на ФТБЛ, проф. д-р Наташа Митева, во чиј фокус беа транзицијата кон чиста енергија, одржлива агрикултура и заштита на биодиверзитетот итн. со подвлекување на важноста на маркетингот како зеленото брендирање, еко-етикетирање, практики за одржливи синџири на снабдување, зелен дигитален маркетинг, употреба на дигитални платформи за ширење на информации и подигање на свеста за одржливоста, како и едукација на потрошувачите и нивна ангажираност.
Проф. д-р Марија Опачак Ерор од Факултетот за туризам, Универзитет во Задар, смета дека треба да се поттикнат зелените вештини во образованието преку наставните програми и да се воведат обуки за развој на зелени вештини, а со тоа ќе се изградат квалитетни кадри кои ќе ја креираат одржливата и еколошка иднина. Истакна дека треба да се работи на поттикнување на еколошката свест кај младите и поттикнување соработка со локалните индустрии.
Александар Петров, студент на втор циклус студии на ФТБЛ, се задржа на анализата на влијанието на финансискиот развој врз економскиот зелен раст, кој покажува дека парите сами по себе не се зелени, туку нивното вложување во проекти прави зелени транзиции.
Session III „The Role of Green agenda & Green Finance in EU: The Case of Croatia and Macedonia“
Третата панел-сесија „The Role of Green agenda & Green Finance in EU: The Case of Croatia and Macedonia“ ја отвори проф. д-р Татјана Бошков која ја потенцира итноста од градење вистинска врска Влада - ЕУ - Приватен сектор - Донатори заради конкурентноста на Западен Балкан чии бизниси го носат најголемиот товар од циркуларната и зелена транзиција и бараат системска поддршка. Зелените финансии водат кон поголема конкурентност, но потребни се силни напори и силно залагање во неколку сегменти – инвестиции, финансиски пазари (подобрување на регионалните финансиски услуги) и индустриски развој.
Асистентката Маријана Јерич од Факултетот за економија, Универзитет во Задар, се осврна на поврзаноста на сина и зелена економија, каде што истакна дека преку нивна синергија може многу да се унапреди зелениот економски договор на Европската Унија. Со ова ќе се продолжи одржлив економски раст и заштита на природните ресурси, што е клучно за постигнување одржлива иднина.
Беба Бајрамовска, дипломец на ФТБЛ, укажа дека стопирањето на климатските промени е еден од најитните предизвици, давајќи примери на успешни зелени проекти и енергетски ефикасни. Имајќи предвид дека зелената транзиција е тежок пат, со преземањето правилни чекори сега можеме значително да ги намалиме последиците на климатските промени и да ја зачуваме планетата за идните генерации.