-
Создадено: Четврток, 09 Мај 2024
По покана на Одборот за доделување на Наградата „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во интерес на државата во областа на науката, деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков, беше дел од овој свечен чин одбележувајќи 121 година од смртта на Гоце Делчев, македонскиот револуционер и борец за слободата на Македонија.
Имено, на 4 мај 2024 година во Кристалната сала во Собранието, претседателот на Одборот, академик проф. д-р Љупчо Коцарев, покрај своето обраќање за значењето на Македонија и важноста на културното наследство и науката за нашиот идентитет им ги додели наградите на добитниците.
Пред присутните се обрати и г-ѓа Елван Хасановиќ, раководителка на Секторот за наука и иновации при Министерството за образование и наука, потенцирајќи го значењето на науката и технологијата кои фундаментално го менуваат начинот на живот на луѓето.
Добитници на државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година се проф. д-р Роберт Хадсон и проф. д-р Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, како и д-р Ана Мартиноска и м-р Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ – од архивските материјали на Васил Хаџиманов.
Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип им ја честита оваа престижна државна награда на добитниците, којашто за првпат е доделена во 1949 година, на нашиот македонски, книжевен, културен работник, академик, поет, прозаист и есеист, Блаже Конески.