-
Создадено: Петок, 19 Април 2024
На 18 април 2024 година се одржа Меѓународен вебинар на тема „Who Does the Thinking? The Future of Higher Education“, организиран од Факултет за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев” - Штип, Македонија, во соработка со Факултет за економија, Универзитет во Задар, Хрватска.
Меѓународниот вебинар се одржа во рамки на три панел-сесии под модераторство на Славица Ристовска, студентка на ФТБЛ.
Првата сесија на тема „Knowledge Performance in Higher Education“ ја отвори деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, која даде осврт на тоа какви стратегии се потребни за развивање на перформансите на високото образование преку знаењето, пренос на знаењето како одговорност, покрај потребата од континуиран напор во насока на подобрување на административните, структурните и технолошките механизми.
Во оваа сесија проф. д-р Јурица Босна од Факултетот за економија, Универзитет во Задар, ја истакна важноста од примената на современите технологии во високото образование. На оваа тематика, од аспект на македонски студент, свој осврт даде студентката од ФТБЛ, Славица Ристовска, а од аспект на хрватски студент - Матео Фузул од Факултетот за економија при Универзитетот во Задар. Студентите се согласија дека од поттикнување на вештините на 21 век, па сѐ до прифаќање на новите технологии како што е вештачката интелигенција, иднината на високото образование зависи токму од брзината на приспособување, иновативноста и меѓусебната соработка преку вмрежувањето.
Втората сесија на тема „The Future of Internalization in Higher Education“ ја отвори продеканката за настава на ФТБЛ, проф. д-р Наташа Митева, истакнувајќи ја важноста на интернационализацијата и трендовите како експоненцијалниот раст на студентски мобилности, универзитетски партнерства и онлајн едукација. Бројните бенефиции како академски можности, личен раст и развој, глобална репутација и препознатливост и стратегиските партнерства и предизвиците што ги носи интернационализацијата повикуваат на проактивни стратегии, институционална поддршка и соработка со цел да се промовираат инклузивни и одржливи практики на интернационализацијата. На нејзиното излагање се надоврза и проф. д-р Соња Валчиќ од Факултетот за економија при Универзитетот во Задар, која ја претстави важноста од работење на меѓународни проекти со цел подобро адаптирање на новите услови кои се создаваат во високото образование. Свое мислење дадоа и студентката Сара Стоилова од ФТБЛ, како и студентката Дора Рудиќ од Факултетот за економија на Универзитетот во Задар, кои зборуваа за важноста од вклучување на студентите во меѓународните проекти за размена и истражување, со цел развој на разни вештини кои се важни за пазарот на труд.
Третата сесија на тема „The role of Generative AI in Higher Education“ ја отвори проф. д-р Душица Попова, професор на Факултет за туризам и бизнис логистика при УГД, во чиј фокус беше улогата на генеративната вештачка интелигенција во високото образование и ги истакна нејзините позитивни придобивки, но и нејзините сериозни недостатоци. Исто така, нотираше дека професорите се незаменлив дел во образовниот процес и податоците или решенијата добиени со помош на вештачката интелигенција не можат да ја заменат суштинската врска професор – студент. Во оваа насока, професорката Јосипа Перков од Факултетот за економија при Универзитетот во Задар истакна дека вештачката интелигенција е клучна за развој на високото образование во иднина и презентираше повеќе важни алатки со вештачка интелигенција. Студентката од ФТБЛ при УГД Викторија Санева и студентката од Факултетот за економија при Универзитетот во Задар Мануела Кремењаш, во оваа панел-тема ги претставија придобивките од вештачката интелигенција од аспект на студентите, како неопходен дел од нивното образование и кариерен развој.
Одржаниот вебинар беше одлична можност да се разгледаат важните аспекти за иднината на образованието, а најзначајното што можеше да се забележи во целата дискусија е ангажманот и желбата за промена. Со учеството на професорите и студентите од Македонија и од Хрватска, се создава една нова платформа за изградба на меѓународни партнерства и соработка за решавање на меѓународни предизвици во областа на образованието. Меѓународното споделување на знаење е есенцијално за креирање на инклузивно, иновативно и одговорно образование за иднината.