-
Создадено: Вторник, 12 Март 2024
На 10 март во Веро центар се одржа хуманитарен настан „Вино и чоколадо“ во организација на СУГС „Лазар Танев“ и Факултетот за туризам и бизнис логистика. Целта на настанот беше поддршка на напорите на Леонид Индов и неговото лекување во странство.
Настанот со свој настап го збогати КУД „Мирче Ацев“.
Настанот го отвори проректорката за наука, проф. д-р Зденка Стојановска, на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
„Посветеноста и хуманоста се вредности кои високо се рангираат на нашиот универзитет. Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД, како коорганизатор на овој настан, уште еднаш покажа општествена одговорност преку промоцијата на хуманоста и солидарноста. Да бидеме хумани, да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош, хуманоста значи љубов“, истакна проректорката проф. д-р Стојановска.
Збор на поддршка дадоа и директорот на СУГС „Лазар Танев“, д-р Небојша Вуковиќ, и деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков.
„Да се биде хуман за нашите деца е најблагородното нешто што можеме да го направиме. Со љубов за Лео, му посакуваме брзо оздравување“, упати д-р Вуковиќ.
„Искрената насмевка и подадена рака се универзалниот јазик на хуманоста и добрината. Да не ја загубиме вербата во хуманоста, бидејќи ниедна убавина не сјае толку силно како доброто срце. Силно веруваме дека онаму каде што постои љубов, постои и живот. Со љубов за Лео“.
Нашите студенти, ученици, соработници, спонзори, нашиот народ уште еднаш покажа колку е хуман и сочувствителен во најпотребните моменти!