-
Создадено: Петок, 06 Октомври 2023
Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев" - Штип го одржа првиот академски час и означи почеток на уште една успешна приказна во светот на образованието и науката
Академскиот час беше отворен од деканката на Факултет за туризам и бизнис логистика при УГД, проф. д-р Татјана Бошков.
„Драги бруцоши, наша одговорност е да ве вмрежуваме. Наша одговорност е заедно да работиме. Наша одговорност е да даваме знаење кое ќе дава силни сигнали на пазарот на труд преку вас – студентите!
Нашата мисија е токму преку знаењата со кои ќе се стекнете, праксата која ќе ви ја овозможиме во бизнис секторот - да ги подобриме јавната политика и јавното лидерство, економијата. Ќе додадеме вредност во администрацијата и логистиката, ќе бидеме силна алка во меѓународната логистика, туризмот, глобалните економски трендови - преку комбинација на истражување, настава и директна интеракција со практичари, експерти" - дел од обраќањето на деканката проф. д-р Татјана Бошков.
Бруцошите ги поздрави и продеканката за настава и студенти, проф. д-р Наташа Митева, која им посака топло добредојде на новите студенти, многу успеси и доследност во реализацијата на своите желби. Исто така, беа објаснети најпотребните алатки за следење на наставата: е-календар, е-индекс, е-распоред, е-учење, е-библиотека, е-пошта и Microsoft Teams.
Свое излагање имаше и Славица Ристовска, студентка на Факултет за туризам и бизнис логистика, која со новите студенти го сподели своето лично искуство на ФТБЛ и сите можности и придобивки во текот на студирањето кои ѝ ги отвориле вратите на безброј можности, интелектуална, но и животна трансформација.
Присутни беа и дел од наставничкиот кадар на Факултетот за туризам и бизнис логистика, со кои студентите имаа можност да се запознаат.
Академскиот час нека биде првиот чекор кон вашата иднина од соништата! Ви посакуваме успешен почеток!