-
Создадено: Петок, 26 Мај 2023
На 22 и 23 мај се формираше Федерација на угостителско-туристички училишта со седиште во Скопје, каде што домаќин беше СУГС „Лазар Танев”, а под покровителство на Град Скопје. Деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, имаше обраќање на денот на основањето и на Меѓународната конференција за соработка со средните угостителски и туристички училишта од Балканот и пошироко. Факултетот за туризам и бизнис логистика активно се вклучува во мисијата на оваа меѓународна асоцијација.
„Туристичката култура станува клучен дел во новата економија. Нема сомнеж дека токму ваквите асоцијации се формулата за побрза интернационализација на нашите училишта и студенти. Тие излегуваат и ќе излегуваат се повеќе подготвени за размена на култури и низа нови концепти за разбирање во формирањето и реалноста на процесите на промени во иднината на туристичката индустрија.
Верувам во резултатите кои и претстојат на оваа федерација, бидејќи се темели на квалитет, виталност, стабилност и иновативност во угостителството и туристичкото образование. Ова подразбира дека сите ние кои сме вклучени ќе гарантираме дека ова ќе биде федерација која ќе претставува одличен извор на информации за тоа како се менуваат образовните програми, со цел да се задоволат потребите на новата глобална економија, општата образовна реформа, оценувањето на резултатите од учењето на учениците, различноста во образованието.
Верувам дека Федерацијата за туризам и угостителство ќе ја оствари својата цел - а тоа е меѓународно да ја промовира и развива соработката за истражување на туризмот помеѓу нејзините членови и пошироко. Да се сподели знаење, искуство и експертиза и да се поддржи научната извонредност во туризмот меѓу истражувачките центри/институти на меѓународно ниво.
Ваквите асоцијации се од исклучително значење за високото образование.
Насочени кон една цел, преку промовирање на развојот и признавањето на сѐ поголемата важност на туризмот за економскиот раст и развој на една земја, туризмот и угостителството ќе бидат сѐ поголем интерес за студирање на додипломски, постдипломски и докторски студии, а со тоа и поттикнување високи стандарди во учењето, наставата и истражувањето. Следствено, заеднички ќе ги идентификуваме „најдобрите практики“, ќе ги продлабочуваме и прошируваме врските меѓу образованието и работодавците и ќе создаваме вредни можности за младите во туристичката индустрија” – беше дел од обраќањето на деканката проф. д-р Татјана Бошков.