-
Создадено: Петок, 17 Март 2023
На 15 март 2023 во просториите на „Парк хотел и спа“ во Скопје беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Факултетот за туризам и бизнис логистика (ФТБЛ) при Универзитет „Гоце Делчев” од Штип и компанијата „Паркленд хоспиталити груп“, во чиј состав работат „Парк хотел и спа“, „Некст дор хотел“, рестораните „Фор“ и „Бирик ит“.
На свечениот настан присуствуваа деканката на Факултетот, проф. д-р Татјана Бошков, и раководителката на Катедрата за бизнис логистика, доц. д-р Анета Стојановска-Стефанова, а од страна на компанијата „Паркленд“ потписник беше генералниот директор г. Горан Ташков.
„Со денешното потпишување на Меморандумот ја продолжуваме идејата за развивање соработка помеѓу Универзитетот и институциите и компаниите. Наша цел е преку овие форми на соработка да внесеме практична димензија во теоретскиот дел од наставата и да го развиваме моделот на дуално образование. Наша заедничка цел со компанијата е да едуцираме, да мотивираме и заедно да генерираме квалитет“, рече деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков.
„Со големо задоволство го потпишавме овој Меморандум за разбирање и соработка. Овој договор e значајна пресвртница во нашите континуирани напори за поттикнување на соработката и промовирање на совршеност во образованието и обуката на студентите во областа на туризмот и угостителската индустрија. Преку овој Меморандум ние ќе се вклучиме во значајна размена на искуства и знаења, овозможувајќи им на студентите да стекнат вредни сознанија за најновите трендови, практики и техники во оваа област. На нашите идни колеги ќе им обезбедиме вештини, компетенции и експертиза потребни за да напредуваат во оваа динамична и брзоразвивачка индустрија. Се радуваме на плодното партнерство и уверени сме дека овој Меморандум ќе послужи како катализатор за поголеми иновации, раст и успех во годините што доаѓаат. Ни беше чест да воспоставиме релации со оваа почитувана високообразовна институција. Но, уште поголемо задоволство е да се работи со студенти, да го пренесеме нашето искуство и притоа да придонесеме за развојот во оваа индустрија која несомнено постојано се менува и расте. Секое вложување во образованието е влог во иднината. Со нетрпение ги очекуваме студентите во нашиот хотел и посакуваме дел од нив еден ден да бидат и наши колеги”, вели Горан Ташков, генерален директор на „Паркленд хоспиталити груп“.
„Меморандумот е одлична основа да се зголеми практичната димензија на наставата на нашите насоки, но и да се креира простор за заеднички апликативни и стручни проекти помеѓу професорите и компанијата. Преку оваа соработка во иднина создаваме можност за пренесување искуствени знаења и за вработување на нашите студенти”, изјави раководителката на Катедрата за бизнис логистика при ФТБЛ, доц. д-р Анета Стојановска-Стефанова.
Преку потпишаниот Меморандум, Универзитетот „Гоце Делчев” - Штип ќе ѝ овозможи на компанијата пренос на знаење од страна на стручни лица ангажирани д Универзитетот, соработка со Компанијата во контекст на обучување и организација на едукативни настани, изработка на анализи за поголем придонес кон нов општествен развој и напредок во културата, образованието, социјалната сфера, економијата и право на локално, регионално, национално и меѓународно ниво од страна на експерти ангажирани од Универзитетот.
Компанијата „Паркленд” преку овој Меморандум создава можност за презентација и пренос на знаење, соработка за организирање и спроведување на заеднички истражувачки проекти, организирање и учество на научни и професионални состаноци, тркалезни маси, симпозиуми, обуки и други слични форми кои ќе придонесат за развој на компанијата и унапредување и нејзината општествена одговорност.