-
Создадено: Петок, 15 Декември 2017
Професорката Елизабета Митрева од Факултетот за туризам и бизнис логистика вчера ја отвори својата прва самостојна изложба насловена „Бакнато време“.
„Преку насликаните живи слики и преку сопствената душа се осветлува овдешниот свет како аманет што ќе ја овековечи незаборавната мисла. Цртежите со женско тело воскреснуваат една вистина за сопствено затворање, на сопствената убавина што преку слика за миг станува дар на живот. Со дарување на убавината насликана на женско тело се исполнува сопствениот сон што после будење останува неотворен сон полн со самотија и полн со љубов. Неотворената книга што трепери во женскиот акт е само дел од несонетите, но и незавршени времиња зачувани длабоко во интимата од каде што неисцрпноста е повеќе од вистина“, се вели во рецензијата на доц. м-р Ванѓа Димитријева-Кузманоска.
Изложбата има за цел да даде поттик, свој придонес за развој на угостителството и хотелската индустрија во Македонија во насока за афирмација и развој на културниот туризам во Штип и во Источниот регион.
- Колку ме усреќува цртањето се гледа во мене како личност што не старее. Моето време застанува сѐ додека јас не го исполнам мојот сон. Токму во мојот сон ќе се огледам некаде високо во највозвишените врвови како недопрен цвет полн со недопрена љубов и недопрено време. Овој цвет ме отвори мене како уметник што знае да ја подели радоста со отворените пупки од најчистите и најубави цветови. Дали јас сум среќна во мојов живот е моја неоткриена вистина. Спознавањето со самата со себе и спознавањето на мојата душа е неоткриен миг до кој никогаш нема да стигнам ниту да се откријам во целина на моето постоење. Секогаш самата за себе ќе бидам неоткриена вистина што долго на моите платна ќе ја пренесувам за вечноста некогаш да ја согледа мојата надворешна, но и внатрешна вистина - вели авторката Елизабета Митрева.
Изложбата во наредните неколку денови ќе биде поставена и отворена за јавноста во уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Изложбата е целосно поддржана од Факултетот за туризам и бизнис логистика.