-
Создадено: Петок, 03 Јуни 2022
На 30 мај 2022 година се одржа Првиот меѓународен студентски симпозиум на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип.
Воведни обраќања имаа проректорот за настава и студенти на Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, проф. д-р Мишко Џидров, деканот на Факултет за туризам и бизнис логистика - проф. д-р Татјана Бошков и продеканот за настава на Факултет за туризам и бизнис логистика - доц. д-р Наташа Митева, кои ја потенцираа значајноста од организирањето на вакви меѓународни настани преку кои студентите ќе се едуцираат и ќе ги надградуваат своите знаења во однос на дигитализацијата како основа на новиот свет исполнет со промени.
Програмскиот комитет на Симпозиумот е меѓународен и е составен од еминентни професори од Македонија, Индија, Саудиска Арабиjа, Португалија, Израел, Шпанија, Франција, Молдавија, Италија, Грција, Египет, Полска, Турција, Романиjа, Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија.
Во првиот дел од Симпозиумот модератор беше Славица Ристовска, студентка на Факултетот за туризам и бизнис логистика. Во првиот дел имаше можност да се слушнат повеќе истражувачки трудови поврзани со дигиталниот маркетинг, банкарството од иднината, макроекономијата и туризмот.
Во вториот дел од Симпозиумот беа презентирани истражувачки трудови поврзани со зелената, циркуларна економија на Западен Балкан, маркетингот, како и за обновливите извори на енергија. Модератор на истиот беше Беба Бајрамовска, студентка на Факултетот за туризам и бизнис логистика.
Преку ваквите студентски организации Факултетот за туризам и бизнис логистика посочува дека СТУДЕНТИТЕ СЕ НА ПРВО МЕСТО, ја истакнува важноста на нивниот напредок и по завршувањето на образованието и свесно ги насочува кон правилно справување со дигиталната трансформација како основа на новиот свет.