-
Создадено: Понеделник, 22 Ноември 2021
Факултетот за туризам и бизнис логистика ја одржа 4. Меѓународна научна конференција „Предизвиците на туризмот и бизнис логистиката во 21 век”. Конференцијата ја отвори проректорот за настава и студенти на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.
Деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, во своето воведно обраќање ја потенцираше значајноста на организирањето ваквата конференција, како и панел-дискусија, со што се овозможува препознавање на проблемите, предизвиците, нудење решенија и препораки за истите. Секако, ова има свој импакт врз едукацијата на новите генерации како да се соочуваат со предизвиците на глобализацијата, кои де факто се заеднички предизвици за универзитетите, бизнис заедницата, но и за централната и локалната власт.
Поради пандемијата, Конференцијата се одржа на платформата Microsoft Teams. Оваа година меѓународниот програмски комитет го сочинуваа еминентни професори од нашата земја и од над 15 земји од странство како Израел, Шпанија, Франција, Молдавија, Италија, Грција, Египет, Полска, Турција, Романија, Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија. Активно се вклучија повеќе од 130 учесници.
Во рамките на истата, се организираше и панел-сесија на тема „Социо-економски импликации на ковид-19: намалување на разликите и справување со дистрибутивните влијанија во различни сектори“.
Панел-модератор беше деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков, а гости-панелисти кои зборуваа на оваа тема беа: Јован Деспотовски - директор на Дирекцијата на технолошко-индустриски развојни зони – ТИРЗ, доц. д-р Жарко Раџеновиќ - Центар за иновации, Универзитет во Ниш, Србија и доц. д-р Наташа Митева - продекан за настава, Факултет за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев” – Штип.
Со цел да одговориме на актуелните предизвици, потреби, приоритети, Конференцијата „Предизвиците на туризмот и бизнис логистиката во 21 век” има мултидисциплинарен карактер, каде што се презентираат авторски теми придружени со плодотворни дискусии и се оценува тековната состојба, како и идните изгледи за развој.
Панел-дебатата и презентирањето на трудовите овозможи размена на искуства, идентификација на предизвиците и перспективите, споредување на моделите и третирање на нивните недостатоци и/или предности, како и презентирање на можните нови комбинирани модели. Дискусиите ја детектираа состојбата на микроплан што се однесува на домашниот пазар од една страна, како и движењата на глобалната економија од друга страна, подготвувајќи ја бизнис заедницата за предизвиците со кои ќе се соочуваат при остварувањето на нивните цели, што де факто влијае врз одржувањето на финансиите, особено во времето кое го живееме под притисокот на пандемијата.
Галерија