-
Создадено: Четврток, 15 Јули 2021
Туризмот и спортот се меѓусебно поврзани и комплементарни. Спортот - како професионална, аматерска или активност за слободно време - вклучува значителен број патувања за играње и натпреварување во различни дестинации и земји. Големите спортски настани станаа моќни атракции во туризмот сами по себе кои даваат многу позитивен придонес кон туристичкиот имиџ на дестинацијата домаќин.
За таа цел, Факултетот за туризам и бизнис логистика со седиште во Гевгелија и Спортскиот центар при Универзитот „Гоце Делчев” - Штип во соработка со општина Гевгелија и Планинарско-спотрскиот клуб „Двете уши”, организираа планинарска тура „Дојди на Кожуф, запознај го Регионот со УГД!” .
Настанот го отворија проректорот за настава и студенти, проф.д-р Мишко Џидров и деканот на Факултет за туризам и бизнис логистика, проф.д-р Татјана Бошков. Деканот на Факултет за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков посебна благодарност изрази до градоначалникот на општина Гевгелија – Сашо Поцков и претседателот на планинарското друштво „Двете уши” – Пепи Аврамов, кој воедно е и студент на ФТБЛ, за укажаната поддршка во реализацијата на овој настан отворен за сите вработени на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип.
Планинарската тура на која активно учествуваа 42 учесници опфати движење на Смрдлива Вода, Асан Чешма, искачување на врвот Чичи Каја, а планинарењето заврши со заедничка дружба во Негорски Бањи, каде учесниците имаа можност да ја вкусат традиционалната храна и локален амбиент.
Токму спортскиот туризам, кој е еден од најбрзо растечките сектори во туризмот, и каде се повеќе туристи се интересираат за спортски активности за време на нивните патувања, без разлика дали спортот е главната цел на патувањето или не, може да биде катализатор за развој на туризмот доколку успешно се искористат ваквите настани во поглед на брендирањето на дестинацијата, развојот на инфраструктурата и другите економски и социјални придобивки.