-
Создадено: Понеделник, 30 Октомври 2017
Доц. д-р Тања Ангелкова-Петкова и ас. м-р Цветанка Ристова учествуваа на VIII Меѓународна конференција за здравствена, велнес и спа индустрија што се одржа на 19 и 20 октомври 2017 година во археолошкиот парк Виминациум, Костолац, „Domus Scientiarum Viminacium“, во Србија.
Конференцијата беше организирана од Кластерот за здравствен, велнес и спа туризам на Србија, со поддршка на ЦЕИ (Централна европска иницијатива) и институционална поддршка од Министерството за трговија, туризам и телекомуникации, како и Агенцијата за развој на Србија.
Темата на конференцијата беше „Спа култура и традиција и современите велнес и спа концепти“. На конференцијата се разговараше за тоа како да се креира автентичен велнес и спа туристички производ и искуство базирано на регионална и локална спа традиција, засновани на културно и природно наследство со акцент на римското доба.
На конференцијата беа присутни истакнати меѓународни експерти од областа на велнес и спа туризмот од Италија, Австрија, Бугарија, Романија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Хрватска и од Словенија. Исто така, имаше и експерти и предавачи од Србија. Доц. д-р Тања Ангелкова-Петкова имаше предавање на тема „Спа култура и традиција во Република Македонија, со посебен осврт на бањите од римско доба, Бања Банско и Катлановска Бања“. Од најпознатите експерти во оваа област предавања имаа: Џоаким Либер, генерален секретар на Европската спа асоцијација (ESPA), Адријан Егер, Масимо Џованети, Тобиас Биленштајн, Мајкл Валас и др.
„Мислете на своето здравје, бидејќи бањите се поевтини од болничко лекување“ е една од пораките на конференцијата.