-
Создадено: Среда, 17 Декември 2025
Студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД - Штип, насока Бизнис логистика од наставните центри во Штип, Скопје и Гевгелија, кои го слушаат предметот Принципи на сметководство, под менторство на проф. д-р Марија Магдинчева-Шопова во текот на декември реализираа теренска настава.
Студентите од Наставен центар Штип реализираа посета на сметководствено биро ДООЕЛ „Финеко” – Штип, студентите од Наставен центар Скопје реализираа посета на сметководствено биро ДООЕЛ „Рем” – Скопје и студентите од Наставен центар Гевгелија реализираа посета на сметководствено биро ДООЕЛ „Хрисми“ - Гевгелија.

Целта на посетите беше практично запознавање со работата на сметководителите и со процесите кои се одвиваат во едно современо сметководствено биро, при што беа презентирани информации за основните сметководствени услуги, како што се водење деловни книги, изготвување финансиски извештаи, пресметка на плати, како и даночно и финансиско советување. Студентите имаа можност да се запознаат со професионалното извршување на сметководствени работи.

Посетите им овозможија на студентите не само да ги применат теоретските знаења стекнати од наставната програма, туку и да се запознаат со реалните услови на работното окружување, при што ја согледаа суштинската улога на сметководството во успешното функционирање на секоја компанија.