Деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, вонр. проф. д-р Наташа Митева, учествуваше во студиската посета во Шарвар и Сомбатеј, Унгарија, реализирана на 28 и 29 април 2026 година во рамки на европскиот проект MAGNET – „Зајакнување на регионални и локални центри за привлекување и задржување на таленти и инвестиции“. Како претставник на засегнатите страни од Источниот плански регион, учеството беше насочено кон размена на искуства и запознавање со европски практики за создавање региони кои нудат подобри услови за развој, привлекување и задржување на младите, талентите и инвестициите.
Во текот на дводневната работна програма беа претставени различни модели за поврзување на образованието со потребите на бизнис секторот, развој на иновациски и стартап екосистеми и соработка меѓу универзитетите, компаниите и локалните институции. Учесниците ги посетија иновациските лаборатории на Pannon Business Network, се запознаа со практиките на Schaeffler Hungary и BPW Hungária, како и со моделот на дуално образование на ELTE Savaria University Centre. Работните сесии овозможија и директна размена на искуства меѓу партнерите и дискусија за начините на кои локалните потреби можат подобро да се поврзат со политиките за развој на човечкиот капитал и привлекување инвестиции.
Учеството во проектот MAGNET е значајно и од аспект на улогата на ФТБЛ и Универзитетот во регионалниот развој. Современото високо образование не подразбира само создавање знаење, туку и активно поврзување со бизнис секторот, институциите и локалната заедница. Размената на добри европски практики создава можности стекнатите искуства да се приспособат на реалните потреби на Источниот плански регион, со посебен фокус на создавање перспективи за младите, развој на потребните компетенции и задржување на талентите во регионот.


