Факултетот за туризам и бизнис логистика и оваа година ја продолжи традицијата со реализација на планинарската тура „Дојди на Кожуф – Запознај го регионот со ФТБЛ“, настан кој ги обединува љубовта кон природата, активниот туризам, дружењето и запознавањето на туристичките потенцијали на регионот.
На најдолгиот ден во 2026 година, учесниците – колеги од Факултетот за туризам и бизнис логистика и Универзитетот „Гоце Делчев“, заедно со членовите на Планинарски спортски клуб „Двете Уши“ – Гевгелија, имаа можност непосредно да ги искусат природните убавини на планината Кожуф.
Планинарската тура започна од Смрдлива Вода, од каде што групата се искачи до врвот Двете Уши (1.766 м). Патеката продолжи по дел од Македонската бесконечна трансверзала – Sammiana, поточно по делницата од Двете Уши до Асан Чешма (И2). Посебно доживување беше можноста да се чекори по патека која е дел од оваа уникатна трансверзала, чија траса го следи симболот на бесконечноста и поврзува различни планински предели низ Македонија.
Во рамки на посетата, учесниците имаа можност да го посетат и Планинарскиот дом на Кожуф, дополнувајќи го денот посветен на природата, планинарењето и потенцијалите за развој на активниот и планинскиот туризам во регионот.
Турата опфати околу 11 километри, исполнети со прекрасни погледи, дружење, разговори и нови искуства. Покрај рекреативниот карактер, ваквите активности претставуваат можност туристичките ресурси и потенцијали на регионот да се запознаат непосредно – таму каде што туризмот навистина се создава и доживува.
Посебна благодарност упатуваме до Планинарски спортски клуб „Двете Уши“ – Гевгелија, како и до планинарите кои беа дел од турата, за несебично споделеното знаење, љубовта кон планината и безбедното водење низ патеката. Благодарност и до сите колеги од ФТБЛ и Универзитетот „Гоце Делчев“ кои со своето учество придонесоа оваа иницијатива уште една година да прерасне во заедничко искуство и убава традиција.
Туризмот не се учи само во училница – тој се истражува, се доживува и се запознава чекор по чекор.


