Традицијата, гастрономијата и современите туристички идеи повторно се сретнаа во Гевгелија на 17. Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Настанот на едно место ги обедини академската заедница, студентите, претставниците на локалната самоуправа и бизнис секторот, создавајќи простор за промоција на локалната гастрономија, културното наследство и новите можности за развој на туризмот во регионот.

Изложбата ги собра локалните ресторани, винарници и угостителски компании, кои преку својата понуда ги претставија автентичните вкусови, традицијата и туристичките приказни на регионот. Посебна вредност на настанот претставува активното учество на студентите, кои заедно со наставниот кадар и претставниците на локалниот бизнис сектор придонесоа кон создавање простор во кој образованието и практиката непосредно се поврзуваат.
На присутните им се обратија деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, вонр. проф. д-р Наташа Митева, претседателката на Советот на Општина Гевгелија, Анета Стамкова, продеканката за настава, вонр. проф. д-р Душица Попова, како и продеканот за меѓународна соработка, ред. проф. д-р Зоран Темелков. Во своите обраќања тие го истакнаа значењето на поврзувањето на образованието, локалната економија, гастрономијата, туризмот и традицијата, како и потенцијалот на Гевгелија и регионот за понатамошен туристички развој.

Во фокусот на годинашната изложба беа локалната гастрономија, винската култура, автентичноста, културното наследство и одржливиот развој на туризмот. Гастрономијата денес претставува многу повеќе од храна – таа е дел од идентитетот на една дестинација, начин на запознавање на нејзината култура и традиција и значаен мотив за создавање автентични туристички искуства.
Настанот беше збогатен со традиционални игри од гевгелискиот крај во изведба на Ансамблот „Бојмија“, како и со поставка од стари предмети и традиционална облека. Етнокореологот м-р Силвестер Проле придонесе со краток видеофилм преку кој присутните имаа можност дополнително да се запознаат со богатото културно наследство на Гевгелија и регионот.

Од своите почетоци пред 17 години, кога во центарот на изложбата биле студентите и нивните активности, манифестацијата постепено се развива и прераснува во препознатлив настан кој ги поврзува студентите со рестораните, угостителските објекти, винарниците, институциите и локалната заедница. Токму оваа соработка овозможува размена на знаења и идеи, практично искуство за студентите и создавање нови перспективи за развој на гастрономскиот и алтернативните форми на туризам.
Факултетот за туризам и бизнис логистика упатува искрена благодарност до сите кои придонесоа за успешната реализација на 17. издание на изложбата – до студентите и наставниот кадар кои учествуваа во подготовката и реализацијата, до Општина Гевгелија и нејзините претставници, до Ансамблот „Бојмија“ и м-р Силвестер Проле, како и до сите ресторани, винарници, угостителски компании, локални партнери, соработници и гости кои со своето присуство и поддршка ја продолжуваат оваа традиција.
По седумнаесет години, изложбата останува место на кое вкусовите ја раскажуваат традицијата, знаењето се поврзува со практиката, а новите идеи отвораат перспективи за иднината на туризмот.


